Се шири болеста син јазик кај добитокот
Евидентирани случаи на заболени животни од добиточната болест син јазик во две одгледувалишта во Демир Капија. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се преземаат соодветни мерки и се даваат потребните препораки за сузбивање на нејзиното ширење. Овој вирус не се пренесува на човекот.

Добиточната болест син јазик се појави во две одгледувалишта во Демир Капија.
Од 190 животни, 7 се угинати, а десеттина се со симптоми карактеристична за оваа болест и висока телесна температура.
Синиот јазик не е зооноза, односно не е заразна и не е опасна за луѓето, но не треба да се консумира месо од заболено животно.
Станува збор за вирусно заболување кај домашните и дивите преживари,овци, кози и говеда, а го пренесуваат инсекти.
Агенцијата за ветеринарство забрани движење на сите животи преживари во и од одгледувалиштето најмалку 30 дена по последниот случај.
Хуманото отстранување на заболените животни со тешка клиничка слика ќе се врши по налог на официјален ветеринар.
На целата територија на земјава се забранува движење на добитокот во и од одгледувалиштата, освен ако животните се носат во кланица, а се забранува и работата на добиточните пазари, изложби или друг вид на манифестации за сите видови животни преживари.
