свет

Американците го бираат новиот челник на Белата куќа

05.11.2024 08:17

Последни часови до изборите во САД. Кампањата завршена, пораките пренесени. Во последните обраќања Харис не го спомна Трамп, а тој зборуваше за мигрантите. Двајцата кандидати се речиси изедначени во трката, но за да седнат на кормилото во Белата куќа, потребно е да освојат најмалку 270 електорски гласови …

Ден-Д за САД, Американците го бираат новиот челник на Белата куќа. Секој глас, клучен во обликување на иднината на нацијата и политиката на земјата. Кампањата завршена, пораките пренесени. Харис и Трамп со надеж дека успеале да ги придобијат неопределените гласачи во клучните колебливи држави. Од завршниот митинг во Пенсилванија, републиканецот Трамп изјави дека САД губат 300.000 луѓе годишно поради дрогата што влегува од Мексико. Се закани дека ќе воведе царини, доколку биде реизбран. Верува оти изборите се преголеми за да се фалсификуваат, иако посочи-има обиди.

„Многу луѓе велат дека Бог ме спасил за да ја спасам Америка. Ако ја освоиме Пенсилванија, ќе го освоиме целото натпреварување. Тоа е многу едноставно. Верувам дека е преголемо за да се намести. Но, тие ќе се обидат, и се обидуваат“, изјави Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД.

Демократката Харис пак, во завршниот говор го изостави името на нејзиниот ривал Трамп. Во променетата реторика им понуди на Американците шанса да свртат нова страница.

„Моментумот е на наша страна. Време е за нова генерација на лидерство во Америка. И јас сум подготвена да го понудам тоа. Имаме можност конечно да ја свртиме страницата на една деценија политика водена од страв и поделеност. Завршивме со тоа. Вистинската мерка за лидер не се заснова на тоа кого го победивте, туку кого ќе издигнете“, изјави Камала Харис, демократски кандидат за претседател на САД.

На двајцата кандидати кои се речиси изедначени во трката, ќе им бидат потребни најмалку 270 електорски гласови за да ја добијат претседателската функција. Клучни држави за патот до победата остануваат седумте сојузни држави каде што ќе се следат резултатите-Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин. Евентуалната тесна победа може да го пролонгира објавувањето победник. Околу 80 милиони американци веќе го дадоа гласот на предвременото гласање или по пошта, што го надминува вкупниот број гласови во 2016 кога се регистрирани 47,2 милиони гласачи. Вашингтон под засилени безбедносни мерки.

 

Бојана Крстевски