Повредените во Нови Сад сè уште во тешка состојба, за денес најавен протест
Премиерот Вичевиќ ја прифати оставката на министерот Весиќ. Поради трагедијата со загинувањето на 14-сет лица вечерва е најавен масовен протест во Нови Сад. Состојбата на тројцата повредени сè уште сериозна...

Состојбата на тројцата повредени по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад сè уште е сериозна. Премиерот Вичевиќ ја прифати оставката на министерот Весиќ. Поради трагедијата со загинувањето на 14-сет лица вечерва е најавен масовен протест во Нови Сад.
„Сè уште се живи, што е охрабрувачка вест и тоа е добро, но состојбата сè уште не е стабилизирана. Се прави дополнителна дијагностика, можни се некои дополнителни интервенции, но борбата за нивниот живот сè уште трае, тим од психолози и психијатри е вклучен и работи со семејствата за да им помогне во најтешките моменти“, изјави Весна Туркулов, директор на Клиничкиот центар Војводина.
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво и инфраструктура, Горан Весиќ, додавајќи дека тој субјективно не е виновен за она што се случи во Нови Сад.
„Имавме неколку телефонски разговори во претходните денови, ќе ја прифатам неговата оставка со благодарност за сè што направил за време на мандатот на оваа и на претходната влада. Не можам да кажам дека лошо си ја вршеше работата, но во политиката има одговорност за работи за кои не сте лично виновни. Ја разбрав неговата порака и оставка“, изјави Милош Вучевиќ, премиер на Р. Србија.
И тој, како и претседателот Александар Вучиќ, порачаа дека очекуваат ова да не биде единствената оставка, како и истрагата да ја покаже кривичната одговорност.
Но опозицијата бара оставка и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Синоќа активисти на Движењето на слободни граѓани закачија транспарент на Градското собрание на големо бело платно на кое со црвена боја беше испишано „Крвави ви се рацете“. Искршени и се излози во просториите на два месни комитети на Српската напредна странка во Нови Сад.
Како што е најавено, опозицијата во 18 часот организира протест во близина на железничката станица. Претставниците на активистичката група „СвиЌе“ најавија дека за денешниот протест се планирани симболични активности и додадоа дека ќе одат „во се порадикални акции“.
Од Белград за МТВ Оливер Бранковиќ
