Америка гласа, епилогот неизвесен
Претседателски избори во САД. Американците одлучуваат дали Камала Харис или Доналд Трамп, кој во јануари ќе се всели во Белата куќа, и ќе ја крои политиката на државата во следните четири години. Се борат во тензична и неизвесна атмосфера, анкетите главни изедначени. Гласењето започна, исходот неизвесен …

Ден на одлука, Американците го избираат новиот челник на Белата куќа-Харис или Трамп. Секој глас, клучен во обликување на иднината на нацијата и политиката на земјата. Традиционално први, гласовите на полноќ ги дадоа шесте жители од малото село Диксвил Ноч во сојузната држава Њу Хемпшир, со што го означија почетокот на американските избори.
„Од гласовите за претседател-три се за Камала Харис, три за Доналд Трамп“, изјави Том Тилотсон – модератор на Диксвил Ноч Таун.
Атмосферата се вжештува со отворањето на гласачките места. Редици граѓани чекаат да го дадат својот глас за фаворитот во надеж за подобро утре. Во американската престолнина засилени безбедносни мерки.
„Околу универзитетот Хауард ќе забележите засилени патроли во клучните области на центарот во градот и околу Белата куќа. Ова проактивно присуство е превентивна мерка и иако нема потврдена закана за областа сакаме жителите и посетителите да се чувствуваат безбедни“, изјави Памела Смит – шеф на полицијата на Вашингтон
По финалните митинзи, Харис и Трамп убедени во придобивањето гласачи во клучните непредвидливи држави. Трамп верува оти изборите се преголеми за да се фалсификуваат, иако посочи-имало обиди.
„Многу луѓе велат дека Бог ме спасил за да ја спасам Америка. Ако ја освоиме Пенсилванија, ќе ја освоиме трката. Тоа е многу едноставно. Верувам дека е преголемо за да се намести. Но, тие ќе се обидат, и се обидуваат“, изјави Доналд Трамп -републикански кандидат за претседател на САД.
Демократката Харис пак, во завршниот говор го изостави името на нејзиниот ривал. Во променетата реторика им понуди на Американците шанса да свртат нова страница.
„Имаме можност конечно да ја свртиме страницата на една деценија политика водена од страв и поделеност. Завршивме со тоа. Вистинската мерка за лидер не се заснова на тоа кого го победивте, туку кого ќе издигнете“, изјави Камала Харис – демократски кандидат за претседател на САД.
На двајцата кандидати кои се речиси изедначени во трката, ќе им бидат потребни најмалку 270 избирачки гласови за да ја добијат претседателската функција. Клучни држави за патот до победата остануваат седумте сојузни држави каде што ќе се следат резултатите-Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин.
Евентуалната тесна победа може да го продолжи објавувањето на победникот. Околу 80 милиони американци веќе го дадоа гласот на предвременото гласање или по пошта, што го надминува вкупниот број гласови во 2016 кога се регистрирани околу 47 милиони гласачи.
Бојана Крстевски
