Култура

Изложбата „Експериментален цртеж“ на ДЛУМ во Венеција

05.11.2024 12:22

Изложбата се организира по осми пат и има за цел да создаде простор за презентација на трудови во кои границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми.

Друштвото на ликовни уметници на Македонија секоја година ја организира изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“ во рамки на својата годишна програма, а годинава ја постави во куќата на Борко Лазески.

Изложбата се организира по осми пат и има за цел да создаде простор за презентација на трудови во кои границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми.

Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и користат нови материјали и техники.

Оваа година на 7-ми ноември ДЛУМ ја отвора изложбата „Експериментален цртеж“ во Венеција, во галеријата Кунст Депот. Ова претставување е значајно како за ДЛУМ така и за можноста да го претставиме ресентното творештво на членовите на ДЛУМ на меѓународна сцена. На изложбата се претставени четириесеттина цртежи изработени во повеќе цртачки техники.

Љупка Делева членка на ДЛУМ, ликовна уметница која живее и работи во Венеција, со својот ангажман помогна и овозможи да се реализира оваа изложба во галеријата Кунст Депот во Венеција.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, а ќе биде отворена до 17-ти ноември.