Мисајловски: Безбедносната состојба е стабилна, силно инвестираме во модернизацијата на Армијата
Министерот се осврна и на потребата од блиска соработка со сојузниците во справувањето со сите безбедносни предизвици, поддршката за Украина како и континуираното инвестирање во Армијата – во нејзината модернизација, но и во развојот на човечките капацитети...

Безбедносната состојба во државата е стабилна и нема индиции за загрозеност на интегритетот и суверенитетот на државата рече министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој денеска учествуваше на конференцијата насловена „НАТО – 75 години единство, соработка и колективна одбрана: Безбедносни предизвици за Европа“. Во своето обраќање министерот се осврна и на потребата од блиска соработка со сојузниците во справувањето со сите безбедносни предизвици, поддршката за Украина како и континуираното инвестирање во Армијата – во нејзината модернизација, но и во развојот на човечките капацитети.
Мисајловски најави нов пакет на поддршка за Украина кој треба да биде дел од затворена седница на Владата денеска, и порача дека поддршката ќе продолжи и понатаму, во согласност со нашите можности и потребата од задржување на борбената готовност на Армијата во остварувањето на своите надлежности.
Во однос на модернизацијата, министерот порача дека во тек се повеќе договори, споменувајќи ја набавката на лесните оклопни возила JLTV и Stryker од САД, опрема за противвоздушна одбрана, набавката на хаубици. Развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, рече, е наш приоритет кој е и обврска согласно квантитативните и квалитативните цели на способности дефинирани како дел од НАТО – Алијансата. Мисајловски истакна дека паралелно со процесот на модернизацијата, ќе се почитуваат и сите обврски од Колективниот договор на вработените во одбраната и Армијата затоа што тоа е начинот како можеме да имаме успешна Армија. „Сето ова е поврзано со буџетот и затоа драго ми е што и следната година буџетот [на одбраната] ќе биде над 2 проценти, за што изразувам благодарност до цела Влада“, додаде министерот.
Мисајловски спомена дека интеграцијата во Европската Унија е од исклучително значење за државата од многу аспекти поврзани со безбедноста и порача дека државата во делот на одбраната има одлична соработка со соседите. Пример за тоа, како што рече, е Договорот за мобилност на Коридорот 8, потпишан со Италија, Албанија и Бугарија во Вашингтон, кон кој на неодамнешниот министерски состанок во Седиштето на НАТО во Брисел се приклучи и Романија.
Конференцијата е во коорганизација на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Фондацијата Конрад Аденауер и Влифрид Матин Центарот за Европски студии. Покрај останатите на конференцијата зборуваше и амбасадорката на Германија Петра Дрекслер.
