Трамп во водство, Харис го откажа говорот
Доналд Трамп води според освоените избирачки гласови. Републиканците го преземаат Сенатот од демократите. Очекуваат да го освојат и Претставничкиот дом. Во исчекување на финалниот исход од претседателската трка, Харис реши да не ѝ се обрати на јавноста додека не се пребројат гласовите...
Сите медиуми ја проектираат победата на Доналд Трамп којшто води според освоените избирачки гласови. Републиканците го преземаат Сенатот од демократите. Очекуваат да го освојат и Претставничкиот дом со што би се заокружил триаголникот на моќта.
„Ја прогласија нашата победа, така што повторно сум избран. Ќе бидеме подготвени да водиме, затоа што се соочуваме со најголемиот број предизвици што нашата земја ги сретнала, веројатно од Втората светска војна, ако не и од Граѓанската. Кога Републиканците ќе ја вратат контролата, ќе имаме најагресивен план за првите 100 дена, невиден досега“, изјави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на САД.
Во исчекување на финалниот исход од претседателската трка, демократката Харис реши да не ѝ се обрати на јавноста додека не се пребројат гласовите, иако насобраните следбеници го очекуваа нејзиниот говор.
„Ви благодарам што верувате во ветувањето на Америка. Сè уште имаме гласови за броење. Сè уште има држави кои не се прогласени. Ќе продолжиме со пребројување за да се осигураме дека секој глас ќе биде изброен и слушнат. Сега нема да ја слушнете потпретседателката, ќе ви се обрати во текот на денот“, изјави Седрик Ричмонд, претседавач со кампањата на Харис.
Изборите минаа мирно без поголеми инциденти иако во дел од клучните држави беа забележани лажни дојави за бомби. Властите од Аризона велат дека се со руска адреса, иако според нив, тоа не значи дека доаѓаат директно од Русија.
„Не постои кредибилитет за овие закани за бомби. Потекнуваат од електронска адреса со руски домен, но не значи дека доаѓаат од Русија. Немаме потврдено потекло дека адресата е директно врзана од Руската Федерација“, изјави Адриан Фонте, секретар за државата на Аризона.
Претходно, агенти на Федералното истражно биро уапсија две лица во Мичиген поради политички закани на социјалната платформа Редит.
Бојана Крстевски
Отворено студио на МРТ- Избори САД 2024