Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Галант
На негово место е назначен министерот за надворешни работи, Израел Кац. Нетанјаху вели дека причина за ваквиот потег е криза на доверба и премногу празнини околу управувањето со израелските воени акции....

Израелскиот премиер го разреши министерот за одбрана Галант по 14 месеци од војната на Блискиот Исток. На негово место е назначен министерот за надворешни работи, Израел Кац. Нетанјаху вели дека причина за ваквиот потег е криза на доверба и премногу празнини околу управувањето со израелските воени акции. Во изјава по разрешувањето, Галант вели дека е потребна официјална истражна комисија за политичките и безбедносните неуспеси од стартот на војната на 7-ми октомври. Илјадници протестираа во Тел Авив против разрешувањето на министерот за одбрана Галант.
„Кризата на доверба која постепено се создаваше меѓу мене и министерот за одбрана стана општопознато и оваа криза не дозволува соодветно продолжување на воената кампања. Не сум единствениот што го кажува ова, повеќето членови на владата и на кабинетот, речиси сите го делат чувството дека не може вака да се продолжи. Со оглед на тоа, денеска одлучив да му го прекинам мандатот на министерот за одбрана. На негово место решив да го назначам министерот Израел Кац на оваа позиција“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Нашата морална и етичка определба е за враќање на нашите синови и ќерки, заложниците што ги држи Хамас. Во изминатата година и од широка перспектива надгледувајќи ја актуелната ситуација, утврдувам дека ова прашање е можно да се постигне“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
