Жан Митрев со меѓународно признание за најуспешен менаџер
Не е лесно надвор од својата земја да ви го признаат трудот, ако зад тоа не стојат вистински квалитет, напорна работа и визија. Да се освои меѓународно признание- најдобра болница и најдобар менаџер е потврда дека си на вистинскиот пат и треба да продолжиш така вели кардиохирургот, кадемик Жан Митрев.

,,Мислам дека сепак е потешко да се биде успешен менаџер во државна отколку во приватна болница“, вели академик д-р Жан Митрев кој ја доби престижната меѓународна награда од организаторот EUROPE BUSINESS ASSEMBLY и од Комитетот Сократ на почетокот на јули во Стреса, Италија, на Самитот за здравје и туризам.
Номиниран е од престижни институции кои ги мерат болничките стандарди за успешно и безбедно лекување на пациентите во Европа и на Блискиот Исток.
,,За секој пациент он-лајн се следи состојбата, како се лекува, каков е исходто, смртноста, сето тоа може сите да го видат транспарентно е. Според овие показатели се оценува болницата. Тука нема врски и протекции“, вели академик д-р Жан Митрев-кардиохирург од Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“
Осум години работат според сите ИСО стандарди.
Зад ова престижно признание стојат 14 години труд, откажување, многу медицински новитети, градење тим- од мала група пријатели, па до 220 вработени сега.
Зад успехот стои голема професионална поддршка од поединци и добар тим.
,,Нешто што научивме во оваа болница е дека ова е тимска работа, дека треба огромна посветеност, трпение, секој пациент да се сослуша, да му се одреди точна дијагноза, терапија“, вели д-р Тања Анѓушева, супспецијалист кардиолог, медицински директор на Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“.
Сепак, задоволството на пациентите се најголемата потврда за успешноста на академик Митрев и на неговиот тим.
„Најдобар показател се пациентите. Ако не си добар во работата пациентите не можеш да ги излажеш. Сепак нивниот глас најдалеку се слуша“, вели Академик д-р Жан Митрев.
Контроверзен, озборуван, негиран од своите колеги, привилегиран, несфатен, но и авангарден, донесе свежина со првата приватна болница во Македонија, тогаш само кардиохирургија. И сега е поставува стандарди за болнички систем.
„Мене ми е драго дека и покрај сите отпори од почетокот до сега, она што јас го кажував, иако бев несфатен и што го воведов како стандард во здравството, сега стана реалност“, вели академик д-р Жан Митрев.
Македонските здравствени институции ретко добиваат меѓународни престижни признанија, иако има многу стручњаци, целата констелација ги прави неконкурентни. Во Македонија почна процесот на акредитација на болниците, а наскоро индикаторите за оценување на квалитетот на услугите и задоволството на пациентите и на лекарите ќе станат стандард што треба да го подигне нивото на квалитетот.
Соња Стојановска
