избори во САД

Трамп прогласи победа, републиканците повторно го презедоа мнозинството во Сенатот

06.11.2024 11:14

Доналд Трамп прогласи победа на изборите во САД. Вети златно доба на Америка и враќање на безбедноста и просперитетот на земјата. Републиканците го вратија мнозинството во Сенатот. Според проекциите победија и во претставничкиот дом на САД. Се гласаше и за гувернери, и таму победија републиканците. Изборниот ден мина мирно, со неколку лажни дојави за бомби.

Доналд Трамп прогласи победа на изборите во САД. Од сцената во Флорида порача дека му е особена чест да биде 47-от претседател. На симпатизерите им вети-доаѓа златната доба за Америка, ќе се бори секој ден, за секој граѓанин … Светската јавност му ја честиташе победата.

„На земјата и треба помош, ќе ги поправиме границите, ќе поправиме се. Ќе се борам за секој граѓанин, за вашите семејства со секој здив од моето тело за безбедна и просперитетна Америка која ја заслужувате. Нема да мирувам додека не ја испорачаме силната, безбедна и просперитетна Америка каква што ја заслужуваат нашите деца и каква што ја заслужувате вие. Ова навистина ќе биде златната доба на Америка“, изјави Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД.

Америка ќе оздрави. Се ќе средиме кај нас. Поминавме пречки за кои многумина мислеа дека е невозможно да се минат, истакна Трамп во победничкиот говор.

„Задачата пред нас нема да биде лесна, но ќе го внесам секој грам енергија, дух и борба што ги имам во душата. Ова е најважната работа во светот. Исто како што направив во мојот прв мандат. Имавме одличен прв мандат. Ќе управувам со едноставно мото – ветувања дадени, ветувања исполнети. Ќе го одржиме ветувањето. Ништо нема да ме спречи да го одржам зборот пред вас, народот“, изјави Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД.

Заменикот на Трамп оцени-тимот републиканци ќе го водат најголемото економско враќање во американската историја.

„Тукушто бевме сведоци на најголемото политичко враќање во историјата на Соединетите Американски Држави. Господине претедател, Ви благодарам што ми дозволивте да се приклучам на ова ваше важно патување“, изјави Џејмс Венс, кандидат на републиканците за потпретседател на САД.

Победите на републиканците се речиси незабележани досега во американската историја. Освоен е таканаречениот триаголник на моќта. Републиканците го вратија мнозинството во Сенатот. Првпат по четири години ќе го контролираат горниот дом на Конгресот. Според проекциите победија и во Претставничкиот дом на САД. Покрај претседателските избори, се гласаше и за гувернери, и таму победија републиканците.

„Подготвени сме да се соочиме со предизвиците. Републиканците ја вратија контролата, и ќе имаме најагресивен план за првите 100 дена, невиден досега во модерната ера“, изјави Мајк Џонсон, претседател на претставничкиот дом на САД.

Демократката Харис реши да не и се обрати на јавноста додека не се пребројат гласовите иако насобраните следбеници го очекуваа нејзиниот говор.

„Сè уште имаме гласови за броење. Сè уште има држави кои не се прогласени. Ќе продолжиме со пребројување за да се осигуриме дека секој глас ќе биде изброен и слушнат“, изјави Седрик Ричмонд, претседавач со кампањата на Харис.

Изборите минаа мирно без поголеми инциденти иако во дел од клучните држави беа забележани лажни дојави за бомби. Според американската државна изборна комисија, Трамп освои околу 75 милиони гласови, Харис пет милиони гласови помалку.

 

Маријана Димовска