Избори во САД

Светските лидери со честитки до Трамп за победата

06.11.2024 12:15

Први честитки од светските лидери за победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори...

Почнаа првите честитки од светските лидери за победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска упати честитки до Доналд Трамп за неговиот избор за претседател на САД.

„Уверена сум дека во периодот што следува нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели“, истакна Сиљановска Давкова.

„Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, е упатената честитка од премиерот Мицкоски до новиот американски претседател.

Претседателот на Собранието, Гаши упати честитка за изборот до Трамп.

„Северна Македонија била и ќе остане силен сојузник во развојните и стабилизациските политики на САД.“

„Со нетрпение очекувам да работам со мојот добар пријател Ричард Гренел и со новата администрација на Трамп, за да ја унапредиме нашата заедничка визија за глобален мир и просперитет“, вели во честитката шефот на дипломатијата Муцунски.

Министерот за одбрана Мисајловски упати честитка и најдобри желби до претседателот Доналд Трамп и до целиот американски народ.

Победата на Трамп ја честиташе и лидерот на СДСМ Филипче, кој истакна дека е убеден дека под негово водство, стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД ќе продолжи и ќе се продлабочи.

Честитка за изборот на Трамп упати и лидерот на ДУИ, Ахмети изразувајќи убедување дека ќе продолжи американскиот фокус на Балканот.

Соработка за силна трансатлантска агенда

ЕУ и САД се повеќе од обични сојузници. Ајде да работиме заедно за силна трансатлантска агенда, вели претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен во честитката до Трамп.

Честитка за изборот на Трамп упати и унгарскиот премиер Орбан.

„Најголемото враќање во политичката историја на САД! Честитки до претседателот Доналд Трамп за огромната победа. Многу потребна победа за светот“-изјави Орбан.

Турскиот претседател Ердоган упати честитка до Трамп.

„Во овој нов период кој ќе почне со изборите на американскиот народ, се надевам дека односите меѓу Турција и САД ќе се зајакнат, дека регионалните и глобалните кризи и војни, особено палестинското прашање и руско-украинската војна, ќе завршат. Верувам дека ќе се направат повеќе напори за поправеден свет“-вели Ердоган.

„Со нетрпение очекувам повторно да работам со Трамп за унапредување на мирот преку силата на НАТО“, изјави генералниот секретар Руте во честитка до новиот американски претседател.

„Вашето историско враќање во Белата куќа нуди нов почеток за Америка и моќна посветеност на големиот сојузИзраел и Америка“, порача израелскиот премиер Нетанјаху во честитката до Трамп.

Украинскиот претседател Зеленски во честитка до Трамп рече дека верува во продолжување на американската поддршка за Украина. Честитки до Трамп упатија и францускиот претседател Макрон, премиерите на Обединетото Кралство, Италија, Австрија, Романија, Полска и Индија.

Честитка и покана за учество на конференција стигна од советникот на рускиот претседател Путин и од Кина.

Ирина Гелевска