ХИВ

Невладините бараат повеќе пари за ХИВ-програмата

06.11.2024 12:48

Невладините бараат 131 милион денар за програмата за ХИВ за 2025 година, според нив во буџетот предвидени се само 90. Велат овие пари не се доволни за терапија и превенција во услови кога бројот на ХИВ инфицирани се зголемува...

Бројот на ХИВ-инфицирани се зголемува, буџетот за лекови и превенција се намалува. За идната година предвидени се 90 милиони денари, 10 милиони помалку од годинава – велат од Здружението „Заедно посилни“ . Предупредуваат дека овие пари нема да бидат доволни за терапија, а мерките за превенција целосно ќе се укинат .

„Огромна е загриженоста и вознемиреноста кај пациентите од тоа постојано стравување дали навреме ќе има терапија и дали ќе се случи прекин на терапијата, што, секако, не смее да се дозволи, мора да се избегне по секоја цена, бидејќи може да значи драстично влошување на нивната здравствена состојба“, изјави Андреј Сених – Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“.

Доколку не се обезбедат неопходните средства програмите за превенција целосно ќе се укинат, тоа може да доведе до зголемување на бројот на ХИВ инфицирани, но сексуално преносливи инфекции, што се дијагностицираат преку оваа програма. Од Министерството за здравство без конкретен одговор зошто е скратен буџетот за програмите за превенција од ХИВ.

„Една од целите на оваа програма е одржување ниска преваленца на ХИВ кај клучните популации. Министерството е отворено за соработка со невладините организации и здруженија, во интерес на здравствената заштита за нашите граѓани“, велат од Министерството за здравство.

Ако продолжат да се кратат средства за терапија и за превенција ќе ја изгубиме контролата на епидемијата со ХИВ и битката со вирусот. Секоја година во земјава се откриваат околу 50 тина нови случаи, а во моментов на терапија се 430 лица.

 

Андријана Ѓурческа