Идентификувани 12 лица, осум приведени, опозицијата негира вмешаност во немирите во Нови Сад
По граѓанскиот протест по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, дел од активистите демолираа дел објектот на Градското собрание. Идентификувани се 12 лица што ги предизвикаа немирите. Уапсен е и Јешиќ, поранешниот потпретседател на покраинската влада на Војводина...

По граѓанскиот протест во Нови Сад на неколку дестици илјади лица, синоќа пред седиштата на СНС и Градското собрание имаше нереди во кои маскирани лица фрлаа камења, црвена боја, факели и петарди, ги демолираа прозорците и вратите на Градското собрание, обидувајќи се насилно да влезат во зградата, а полицијата реагираше и употреби солзавец. Маскираните лица истураа и фекалии, а приземјето на Градското собрание се запали, при што беа нападнати и новинарски екипи.
Од МВР денес изјавија дека синоќешниот собир во Нови Сад не бил пријавен и дека полицијата реагирала крајно воздржано и професионално. Идентификувани се 12 лица, од кои осум се задржани.
„Во текот на ноќта ние идентификувавме 12 лица кои предизвикаа немири на протестот во Нови Сад, од кои осуммина се приведени. Се работи за голем број кривични дела, ние продолжуваме со активности, во текот на денот ќе бидат идентификувани и процесуирани сите оние кои ја напаѓаа полицијата и ги уништуваа објектите. Уапсен е и Горан Јешиќ, кој кривично ќе биде гонет“, вели полковникот Драган Васиљевић, помошник директор на полиција.
Горан Јешиќ е поранешен покраински секретар и потпретседател на покраинската влада на Војводина. Меѓу уапсените е и поранешниот судија на Уставниот суд и министер ,Светозар Чиплиќ, со чекан во палтото.
Синоќа во Нови Сад беше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој порача дека „Србија ќе го брани своето знаме, своето име и презиме и ќе ги казни сите сторители на криминални дела“.
Дел од организаторите на протестите, меѓу кои и пратеникот од опозицијата Мариника Тепиќ, се оградија од конфликтните ситуации означувајќи ги маскираните лица како провокатори и уфрлени лица кои сакаат да ги редефинираат протестите.
„Речиси сме сигурни дека луѓето што прават хаос се уфрлени луѓе, затоа што се обидоа со провокации уште додека бевме на железничка станица. Тие се маскирани, ние се обидовме да им ги тргнеме маските, да бидат нормални како нас, но тие не го дозволуваа тоа. Полицијата не се ни обиде да реагира на овие хулигани“, изјави Мариника Тепиќ, пратеник во Собранието од Странката на слобода и правда-ССП.
Опозицијата порача дека ова е видено сценарио за компромитирање на протестите и дека е поставен рок од 48 часа за исполнување на барањата од протестите и оставки на одговорните за несреќата во која загинаа 14 лица.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
