Голем пожар во безистенот во центарот на Струга, нема повредени
Нема повредени во пожарот во Безистенот во центарот на Струга. Огнот избувна во кафуле на последниот кат, но се прошири кон покривот и соседните деловни простории. Интервенира неколку противпожарни екипи. Се испитуваат причините за несреќата…

Се запали Безистенот во струшката чаршија. Претпладнево огнот избувна во едно од кафулињата на последниот кат во објектот. Огнените јазици се проширија кон покривот, а чадот и кон соседните дуќани. Вработените и посетителите на Безистенот, кој дејствува како трговски центар со голем број дуќани и угостителски објекти, преплашени веднаш го напуштија објектот. Нема повредени, причинета е само материјална штета.
„Дојде пожарната двете дојдоа пожарни изгаснаа тоа што можеа. Нема што друго да гори горе, да беше долу ќе беше пострашно“ – „Објектот е добар, беше добар, сега така е останат. Треба да се реновира сега. Кој го купил како се продава не знаеме што се прави“ – „Не е чистено, сто посто не е чистен, затоа вака“, велат граѓаните.
На терен интервенираше противпожарната единица со три возила и единаесет пожарникари. После два часа интензивно гаснење се спречи проширување на огнот кон останатите дуќани.
„Пожарот е пријавен во 09 30 екипата противпожарна одма се излезе. Стигнавме на лице место на време бидејќи можеше да се прошири голем пожар да стане можеше да се прошири и во другите објекти го спречивме пожарот“, вели Фети Мазари, конадир на ТППЕ Струга.
Причините за пожарот дополнително ќе се испитуваат, првично се претпоставува дека се работи за неисправна електрична инсталација.
Соња Рилковска
