Одбележување на јубилејот 80 години Народен театар Битола со повеќе гостувачки претстави
Македонскиот народен театар на 7-ми декември ќе ја одигра претставата „Бели ноќи“ според делото на Ф. М. Достоевски...
Големиот јубилеј – 80 години од постоењето, НУ Народен театар меѓу другото ќе го одбележи со гостувања на повеќе театри на неговата сцена. По повод овој јубилеј во Битола ќе настапат Македонскиот народен театар, Драмскиот театар од Скопје и велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот.
Македонскиот народен театар на 7-ми декември ќе ја одигра претставата „Бели ноќи“ според делото на Ф. М. Достоевски, а во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Во овој копродукциски проект играат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Како сценограф се потпишува Мартин Манев, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а музиката е на Марјан Неќак.
Претстава „Бели ноќи“ својата премиера ја имаше на 17-ти октомври на малата сцена во МНТ и наиде на многу позитивни коментари од страна на публиката.
На 8-ми ноември гостува Драмски театар од Скопје со претставата „Мојот маж“, работено по делото на куси приказни на Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ. Во претставата играат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.
Третото гостување е на 11-ти ноември кога велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот ќе ја изведе претставата „Вечера за будали“ во режија на Ненад Витанов. Претставата е работена по текст Францис Вебер, а играат: Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.
Фото: Бели ноќи/ МНТ
