Почна транспортот на посмртните останки на патниците од малезискиот Боинг
Транспортот на 298-те тела се пренесуваат во три железнички вагони со ладилници од станицата воТорез, близу до местото на падот во Доњецкиот регион...

23 годишниот Брус и неговата 20 годишна девојка Дејзи од Холандија беа на кобниот малезиски Боинг 777. Пред една недела тргнале на одмор на Бали, за да ја заборават тагата поради смртта на мајката на Дејзи која починала пред два и пол месеца. Денес, мајката на Брус низ солзи бара под итно да ги вратат посмртните останки на нејзиниот син и неговата девојка, за да може достоинствено да ги испрати.
„Сакам сите да дадат се од себе за да ги вратат телата што е можно побргу. Тие лежат таму три, четири дена, не знам ни самата колку“, вели Селена Фредрикц Хугзанд, мајка на жртвата.
Во меѓувреме почна транспортот на 298-те тела што се пренесуваат во три железнички вагони со ладилници од станицата во Торез, близу до местото на падот во Доњецкиот регион.
72 часа по падот, спасувачките тимови се уште се наоѓаат на местото на несреќата. Очевидци велат дека веќе нема мртви тела, но дека од остатоците на урнатиот авион уште се гледаат делови од човечки тела.
Се очекува да пристигнат и меѓународни истражувачи, а проруските сепаратисти најавија дека црните кутии од авионот ќе ги предадат на меѓународната организација за цивилна авијација.
Во својата прва изјава за падот на авионот, рускиот претседател Владимир Путин ја повика Украина да ги обезбеди сите услови за целосна истрага на падот на малезискиот боинг во Доњецкиот регион.
„Во исто време, никој не треба и нема право да ја користи оваа трагедија за платени политички цели. Вакви настани треба да ги обединат, а не разединат луѓето“, изјави Владимир Пурин, претседател на Русија.
Русија ќе направи се што зависи од неа за конфликтот во Украина да го префрли од денешната воена фаза кон фаза на преговори со користење на мирни и дипломатски методи, порача Путин.
Итно враќање на телата во матичните држави и овозможување непречена работа на меѓународните истражувачи беше повикано на прес-конференциите што во меѓувреме ги одржаа австралискиот, малезискиот и холандскиот премиер.
Марија Котовска
