Образование

Се формираше Националното координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот

06.11.2024 18:18

Националното координативно тело ќе направи анализа на состојбата во областите каде ќе делува, а потоа ќе предложи конкретни активности кои нема да бидат обврска само на една институција или страна.

Од денеска започнува со работа ново национално координативно тело, за прв пат формирано во мандатот на една Влада, кое ќе има задача да работи на подигнување на девастираниот високообразовен систем и да обезбеди понатаму одржливост на квалитетот, како и да ги подобро вложувањата во науката и условите за научно истражувачка работа во државата.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска по одржувањето на конститутивната седница на Националното координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот, како иницијатива од програмата за работа на новата Влада.

Националното координативно тело ќе направи анализа на состојбата во областите каде ќе делува, а потоа ќе предложи конкретни активности кои нема да бидат обврска само на една институција или страна.

Како што рече, оваа иницијатива влева нова надеж за сериозно јакнење на образованието и науката како основни столбови на кои треба и ќе се потпира севкупниот развој на државата.

Со Националното координативно тело ќе раководи министерката за образование и наука. Има и заменик-претседател, како и 30-на други членови, нивни заменици и лица за административно – техничка поддршка. Телото ќе има обврска на секои шест месеци да доставува извештај за работата до Владата.