Спасеновски: Македонија е во видното поле на новата американска администрација
Конекциите што ги има Владата со најблиските соработници на Трамп несомнено ќе придонесат за унапредување и развивање на стратешкото партнерство, вели професорот Александар Спасеновски. Во однос на надворешната политика, Спасеновски смета дека фокусот на САД ќе биде насочен кон Блискиот исток и Украина, а нема да биде изоставен ниту Западниот Балкан...

Конекциите со најблиските соработници на Трамп кои ќе бидат дел од новата американска администрација, ја сместуваат земјава во видното поле на САД и тоа ќе има придобивки за државава, смета професорот Александар Спасеновски.
Откако престижниот „Њујорк тајмс“ објави дека дипломатот Ричард Гренел има сериозни шанси да го замени Блинкен и да биде новиот државен секретар на САД, се отвораат перспективи за Македонија во насока на унапредување на стратешкото партнерство со Америка, велат познавачите, дотолку повеќе што Мицкоски во неколку наврати се сретна со Гренел, а состаноците беа оценети како позитивни и пријателски.
Во јули годинава земјава ја посетија Хауард Лутик, еден од најважните фактори на светскиот финансиски пазар, Девин Нунес поранешен конгресмен и бизнисменот Крис Павловски кои важат за едни од најблиските соработници на Трамп. На состанокот со новата влада, покажале интерес за инвестирање во земјава.
Ваквите состаноци, според Спасеновски, се можност за Македонија да ги валоризира економските и политички интереси.
Во однос на надворешната политика, Спасеновски смета дека фокусот на САД ќе биде насочен кон Блискиот исток и Украина, а нема да биде изоставен ниту Западниот Балкан.
Анита Димитријевска – Велковска
