Наместо избори, да ги засукаме ракавите и да работиме во интерес на граѓаните, порача Мицкоски
ВМРО-ДПМНЕ подготвена за предвремени парламентарни избори, прашањето е дали е потребно да се трошат пари од граѓаните – вели премиерот Мицкоски. Од „Влен“ велат - нема силна опозиција што ќе ги предизвика на избори. СДСМ и ДУИ порачуваат дека се подготвени за предвремена изборна трка, внатрепартиските процеси нема да влијаат...

Наместо избори, да ги засукаме ракавите и да работиме во интерес на граѓаните. Премиерот Мицкоски не гледа потреба да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните в година. Тврди дека ВМРО-ДПМНЕ уште утре е подготвено за изборно соочување, но тоа ќе значи нови трошоци и застој на реформите само за, како што вели, социјалдемократите да се соочат со нов поголем пораз.
Коалицискиот партнер во Владата Биљаљ Касами на иста линија со премиерот Мицкоски. И тој смета дека власта има стабилно мнозинство и дека во моментов на државата не и се потребни нови избори. „Влен“ веќе се подготвува за локалните избори и ги мерка општините кои ги раководи ДУИ.
Опозициските СДСМ и ДУИ велат дека се подготвени за предвремени парламентарни избори. Според Сања Лукаревска, внатрешните процеси во партијата нема да влијаат во подготовките за изборите.
Претседателот на интегративците, Али Ахмети, ја прифати идејата за предвремени парламентарни избори и најави доколку загуби ќе се повлече од политиката.
Викторија Милевска
