Македонските мировници се вратија од Авганистан со по два медали
НАТО и САД се максимално задоволни од реализацијата на планираното...

Здрави и безбедни, 151 војник на македонската армија ги исполни во целост сите задачи во мировната мисија во Авганистан. Со авион на британското кралско воздухопловство слетаа на аеродромот Александар Велики. Секој од овие мировници добија по две медали, НАТО и САД се максимално задоволни од реализацијата на планираното. Не учествувале во борбени акции, но поради безбедносната чувствителност на актуелната претседателска кампања, биле под полна борбена готовност.
„Ние се наоѓавме во два изборни претседателски круга, кадешто талибанците ја искористија можноста да докажат дека авганистанските власти не владеат со територијата. Македонскиот контингент успешно одговори на мисијата којашто му беше зададена“, рече потполковник Блажо Николовски, командант на 16-та ротација на АРМ во ИСАФ.
И новиот министер за одбрана, Зоран Јолевски, пред мировниците кои го бакнуваа државното знаме за добредојде, порача-во Пентагон слушнаа за успесите на најуспешните македонски амбасадори.
„За време на мојата последна посета на Вашингтон, неколку сенатори и конгресмени кои оваа пролет беа во Авганистан, со најпофални зборови зборуваа за тоа како ги извршуваат нивните задачи, и сме горди што имаме вакви обучени војници и старешини“ рече Зоран Јолевски, министер за одбрана.
Вашингтон одлучи во 2014-та воено да се повлече од мисијата. Во новиот безбедносен моментум, македонија натаму ќе биде вклучена во обуката на силите на јавниот ред и мир. Нашите мировници, од Авганистан носат драгоцени искуства, но и надеж дека стоењето раме до раме со мировниците на НАТО, ќе придонесе македонското знаме да се вее како 29-то и во седиштето на Алијансата во Брисел.
Зоран Богатинов
