Во Уставен иницијатива за барање за измена на патни исправи
Според наводите, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на пасошите на печатените обрасци, во моментот на издавање, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните...

Пред Уставниот суд иницијативата од ВМРО-ДПМНЕ со која се оспорува членот 3 од Законот за патни исправи. Според наводите, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на пасошите на печатените обрасци, во моментот на издавање, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните. Подносителот тврди дека со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година се ставени во нееднаква позиција бидејќи се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа.
Заради оперативна и техничка неможност за издавање на стотици илјади пасоши во предвидениот рок до 12-ти февруари 2024 година, управните служби на МВР нема да бидат во можност да ги изработат документите во наведениот рок. Подносителот тврди дека тоа ќе се одрази врз слободата на движење и стопанскиот промет во државата.
