Германскиот канцелар Шолц го разреши министерот за финансии
Шолц изјави дека ја загубил довербата во Линднер бидејќи не му служел на јавното добро, туку на неговата клиентела и партијата...

Германскиот канцелар Олаф Шолц го разреши министерот за финансии и лидерот на германските либерали Кристијан Линднер, со што владејачката трипартиска коалиција остана без мнозинство во Бундестагот. Потегот на Шолц доаѓа по неколкунеделните несогласувања за економските прашања во земјата и протечениот документ со потпис на финансиерот во кој бара намалување на даноците за компаниите и на социјалните субвенции.
Шолц изјави дека ја загубил довербата во Линднер бидејќи не му служел на јавното добро, туку на неговата клиентела и партијата. Најави гласање во Бундестагот за малцинска влада на средина на јануари, а доколку не добие поддршка би се распишале предвремени избори во март.
„Нема основа на доверба за понатамошна соработка. Сериозна работа на владата на овој начин не е можна. Во првата недела од седницата на Собранието во новата година ќе поднесам гласање за доверба за парламентот да може да гласа на 15 јануари. Тоа ќе им овозможи на пратениците да одлучат дали ќе го отворат патот за предвремени избори“, изјави Олаф Шолц – канцелар на Германија.
„Шолц одамна не ја препозна потребата од ново економско будење во нашата земја. Тој долго време ги минимизираше економските грижи на нашите граѓани. Дури и сега, тој ги доведува во прашање неопходните одлуки за граѓаните повторно да се гордеат со Германија“, изјави Кристијан Линднер – германски министер за финансии.
