Политика

Мицкоски ќе учествува на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта

07.11.2024 08:25

На денешниот Самит во Будимпешта предвидено е да стане збор за главните безбедносни предизвици што ја засегаат Европа, предизвикани од тековните конфликти, пред сѐ руската агресија врз Украина и актуелната ескалација на насилството на Блискиот Исток...

Случувањата во Украина и на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на денешниот петти Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта, на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски.

На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори.

На самитот ќе се одржат и посебни сесии посветени на миграцијата, приливот на илегални мигранти и нивната инструментализација, на економската безбедност, како и на прашања за поврзаноста на енергијата, транспортот, информатичката технологија и глобалната трговија.

Покрај пленарните сесии на маргините на форумот се предвидени и билатерални средби на учесниците.

На Самитот, покрај земјава, се поканети и останатите пет држави од Западниот Балкан, 27-те членки на ЕУ, како и Андора, Азербејџан, Велика Британија, Ерменија, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако, Норвешка, Сан Марино, Турција, Украина и Швајцарија.