Изложба „Вечнеење“ на Никола Пијанманов во КИЦ
На самостојната изложба се поставени дела од тригодишно истражување за човекот кој чека, изгубен во огромните простори и лавиринти на чудниот, апсурден и тежок макросвет...

Денеска во Младинскиот културен центар во Скопје на авторот Никола Пијанманов ќе биде отворена изложбата „Вечнеење“ во салите Империјал 1 и 2. На самостојната изложба се поставени дела од тригодишно истражување за човекот кој чека, изгубен во огромните простори и лавиринти на чудниот, апсурден и тежок макросвет. Човекот заробен во состојба на бесконечното исчекување.
Изложбата ги поврзува една заедничка тема, и во фигуративните слики и во пејзажните композиции. Тоа е осаменоста и кревкоста на поединецот, човекот во распаѓање и слободен пад – човекот клекнат пред ѕидот и машината на суровиот либерален свет кој ја гази човечката слобода и личност повеќе од кои било времиња во историјата.
Тука се додава бесконечното чекање на човекот во бескрајните транзиции на корумпирани општества и системи. Слабиот човек душевно и телесно заробен во чекалниците на Европа, напуштените предели, села и населби, отуѓените семејства и епидемијата на разделби. Контрастот и единствениот излез е претставата на човечката фигура во чудесните предели на восхитувачката природа. Во тоа опкружување сликите добиваат мистично и екстатично значење.
