Камала Харис го призна поразот и вети дека ќе помогне во транзицијата на власта
Бранот ефекти по победата на Трамп веќе се чувствува во САД. Новоизбраниот челник на Белата куќа, се подготвува да назначи врвни работни места, откако Харис го призна поразот. Таа вети мирен трансфер на власта, но не и откажување од борбата за слобода и правда. Акциите рипнаа за речиси 2 проценти, скокна и американскиот долар. Сметките на милиони мигранти поматени, неизвесноста на воените жаришта неизвесна...

Новоизбраниот челник на Белата куќа, Доналд Трамп се подготвува да назначи врвни работни места откако Харис го призна поразот и вети дека ќе помогне во транзицијата на власта, но не и дека ќе се откаже од борбата за слобода и правда.
„Ќе се заложиме за мирен пренос на власта. Еден од основните принципи на американската демократија е дека кога ќе загубиме избори, ги прифаќаме резултатите. Тој принцип, како и секој друг, ја разликува демократијата од монархија или тиранија“, изјави Камала Харис – потпретседателка на САД и демократски кандидат за претседател.
Честитка до Трамп упати и актуелниот американски претседател Џо Бајден, нагласувајќи ја важноста да се работи за зближување на земјата. Поддржувачите на Харис, разочарани.
„Беше крајно обесхрабрувачки. Навистина се надевав на поинаков резултат“, изјави Адвоа Реј -поддржувачка на Харис (Хауард).
„Ми се плаче. Дојдов за да го слушнам нејзиниот говор, да ја покажам мојата поддршка, како што беше таа за нас“, изјави Терас Гарние – поддржувачка на Харис (Хауард).
Бранот ефекти по победата на Трамп веќе се чувствува во Вашингтон. Акциите рипнаа за речиси 2 проценти, скокна и американскиот долар. Во министерството за правда активно се водат разговори за укинувањето на федералните случаи против него, додека дел од обвинетите за немирите во Капитол очекуваат да бидат помилувани. Поддржувачите на Трамп велат-токму тој е лидерот што им треба, а неговата победа е дел од нешто поголемо.
„Овој човек буквално жртвуваше се за нас. Доби истрел во главата. Тој е милијардер, и не мора да го прави ова, но го прави за да не заштити. Верувам дека тука се случува нешто поголемо, нешто што е потребно во целиот свет денес“, изјави Кристин Рандал – поддржувачка на Трамп од Њујорк
Враќањето на Трамп ги помати сметките на милиони мигранти ширум светот по најавите во кампањата за сеизмичките промени во имиграциската политика.
„Трамп не ги сака Латиноамериканците рече дека ќе ги отстрани сите од САД, најави масовна депортација. Ќе има нови закони, нови прописи, правила и ќе биде потешко за нас да стигнеме таму“, изјави Џоел Гонзалес – мигрант од Венецуела.
Во однос на воените жаришта на Блискиот Исток пак, неговата победа според лидерот на Хезболах не значи ништо вредно за неговата група, додека на украинскиот фронт неизвесноста расте. Зеленски и натаму се надева дека поддршката од новата администрација на Трамп ќе продолжи за Киев.
Бојана Крстевски
