Обид за проширување без билатерални прашања
Ветеното да се исполни, бара Марта Кос, кандидатката за еврокомесарка за проширување. Денеска пред европратениците рече оти ќе се залага во иднина билатералните прашања да не бидат дел од решавањето на проблеми на ЕУ...

Аплауз од дел од пратениците за Марта Кос, новата комесарка за проширување, откако од говорница рече оти ќе направи сѐ билатералните прашања да не се вметнат во процесот на проширување. Сепак, децидна дека не е реално репреговарање на преговарачката рамка за ниту една земја кандидат. Очекува земјава да ги направи измените во Уставот кои се договорени и како што вели Кос, ништо повеќе ништо помалку.
„Јас и моите служби и другите колеги ќе направиме сѐ за да не ги вметнеме билатералните прашања во процесот на проширување. Но, имаме ситуација како во вашата земја кога ова сега е дел и веќе кога ќе го имаме процесот на проширување ќе имаме многу повеќе алатки како да им помогнеме на земјите кандидати и од друга страна на членките да најдат решение“, изјави Марта Кос.
Договорите мора да се почитуваат, а реформите да се реализираат вели еврокомесарката Кос. Важно е да го почитуваме процесот на проширување, што значи држење до преговарачката рамка и тоа проширување да се темели на заслуги. Се следи спроведувањето на билатералните обврски, нивното почитување е добро за двете земји заклучува Марта Кос.
Миле А. Ристески
