Европа

Политичка криза во Германија, можни предвремени избори во март

07.11.2024 12:32

Германската коалициска влада предводена од канцеларот Шолц остана без слободните демократи. Разрешувањето на министерот за финансии Линднер, еден од партнерите во левичарската коалиција, предизвика тектонски нарушувања кои можат да водат кон предвремени избори во март, наместо планираните во септември во наредната година. Како причина за разводот со слободните демократи, Шолц ги посочи бизнис интересите на чуварот на федералната каса…

Не помина ниту ден од изборната победа на Трамп, во Германија најава за предвремени избори. Германскиот канцелар Шолц го обвини министерот за финансии за изневерена доверба и за застапување на комерцијалните, наместо државните интереси. Ги блокирал законите поради ситнопартиски игри. Германија веќе втора година нема економски раст.

„Во првата недела од наредната година на 15-ти јануари, на седница на Бундестагот, ќе ја ставам на гласање довербата на владата. Ова ќе му овозможи на Бундестагот да реши дали одиме на предвремени избори, кои можат да се одржат најдоцна до март, како што налага изборниот законик“, изјави Олаф Шолц-канцелар на Сојузна Република Германија.

Министерот за финансии е и лидер на партијата на слободните демократи. Шолц доби одговор, ја води земјата кон неизвесност и разочараност на граѓаните.

„Предложивме економски закони за да ја вратиме земјата на патот на успехот. Помалку бирократија, полесни даночни оптоварувања, прагматична климатска и енергетска политика, повеќе контрола врз миграцијата. Ништо не беше прифатено“, рече Кристијан Линднер-разрешен министер за финансии.

Шолц според Линднер побарал зголемување на буџетскиот дефицит, што било одбиено. Покрај финансии, коалицијата ја напушти и министерот за правда, но не и за транспорт кој остана во владата и заминува од партијата. Распадот ќе биде веднаш потврден и од шефот на германската држава.

„Луѓето во земјава се загрижени за нестабилната политичка состојба во земјава, во Европа и во светот, вклучувајќи го периодот по американските избори. Не е време за тактизирање и препирки“, рече Франк-Валтер Штајнмајер, претседател на Германија.

Ова е лош ден за Германија и лош за Европа, коментираше Бербок, шефицата на германската дипломатија. Особено по најавите на Шолц за итна средба со Фридрих Мерц, лидерот на Демохристијаните.

„Очекуваме на почетокот од годината, претседателот да го распушти Бундестагот. Подготвени сме за разговори и преземање одговорност за земјата. Ќе се договараме и за гласањето во Бундестагот“, рече Фридрих Мерц-лидер на Демохристијанската унија.

Сегашната семафор коалиција беше формирана пред четири години и беше наречена според црвената, жолтата и зелената боја на социјалдемократите, либералните демократи и зелените.

Зоран Богатинов