Скопје

Отворена Канцеларија за поддршка на идни брачни двојки во Кисела Вода

07.11.2024 12:40

Отворена Канцеларија за социјална поддршка на идните млади брачни парови во просториите на Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода…

Во просториите на Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода беше официјално отворена новата канцеларија за социјална поддршка на идните брачни парови од оваа општина. Претседателката на Здружението на социјални работници на град Скопје, проф. д-р Светлана Трбојевиќ и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потпишаа Меморандум за соработка и договорија низа активности што ќе бидат во интерес на граѓаните.

Општината обезбеди простор што ќе се користи како Канцеларија за социјална поддршка на млади брачни парови, жители на оваа општина, а услугата советување ќе ја реализираат докажани социјални работници- Славица Шекуткоска и Јагода Насковска. Со цел подобрување на квалитетот на животот на младите лица, социјалните работници ќе бидат вклучени во обезбедувањето социјална поддршка на младите парови при подготовка за брак, стручна помош во информирање и упатување за остварување на нивните права од системот на социјална заштита, зголемување на нивната свесност за можните социјални проблеми што можат да се јават во текот на нивното заедничко живеење, како и позитивното родителство.

Членовите на Здружението освен оваа, ги најавија и останатите активности преку кои ќе се афирмира значењето на социјалната работа и улогата што ја имаат социјалните работници во различните полиња на делување.

Канцеларијата ќе работи во среда од 16.00 до 20.00 часот и сабота од 10.00 до 16.00 час. Потребно е претходно да се закаже термин на телефонскиот број 02 3212 690. Советувањето е бесплатно, а се планира освен оваа услуга соработката да продолжи и да се проширува со други услуги.

Јасмина Никова