Холандските истражители почнаа да ги испитуваат телата на загинатите
Проруските бунтовници им дозволија на холандските истражители да ги испитаат телата на загинатите и се очекува денеска да го дозволат нивниот транспорт во вагони-фрижидери...

Руското министерство за одбрана ја обвини Украина дека во моментот на несреќата во близина на малезискиот авион летал украински авион Су-25. Москва бара Киев да објасни зошто воениот авион го следел цивилниот лет. Истиот ден било забележано поместување на лансери БУК и засиелна радарска активност.
„Батерија БУК беше откриена 50 километри источно од Доњецк и 8 километри јужно од Шахтерс. Зошто имало таква батерија во близина на територијата контролирана од самоодбраната непосредно пред трагедијата“.
Додека кран ги отстранува поголемите делови од малезискиот боинг, на местото работниците ги извлекуваат телата. На патот кон украинско Храброво лежи 21 вреќа со телата на загинатите. Бројот на пронајдени е 272 од 298. Проруските бунтовници им дозволија на холандските истражители да ги испитаат телата на загинатите и се очекува денеска да го дозволат нивниот транспорт во вагони-фрижидери.
„Втор пат ја набљудуваме ситуацијата на вагоните и ги видовме отворени“, рече Александер Фолк, набљудувач на ОБСЕ.
Украинскиот премиер предложи меѓународната истрага да ја води Холандија, веројатно во рамките на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.
„Терористите мотивирани и водени од Русија не дозволуваат телата да заминат од станицата во Торез за да бидат испитани“, рече Арсениј Јаценјук, премиер на Украина.
„Ќе побараме од Советот за безбедност да усвои цврста резолуција со која ќе побара непопречена помош и независна меѓународна истрага“, рече Марк Рут, премиер на Холандија.
Украинскиот претседател Порошенко се потпиша во книгата на жалоста во холандската амбасада во Киев.
„Ова е трагедија и за нашата 45-милионска земја. Имавме наши жртви во борбата против тероризмот, го отворивме срцето за болката на целиот свет“, изјави Петро Порошенко, претседател на Украина.
Порошенко нареди прекин на огнот во радиус од 40 километри од местото на несреќата, но тоа не ги спречи воените дејствија. Бунтовниците соопштија дека собориле уште еден украински борбен авион и уништиле три тенкови. Во Луганск се водат жестоки борби со забранетите касетни бомби – загинаа најмалку тројца цивили, а зградата на регионалната влада е срамнета со земјата во воздушен напад.
„Имаше експлозии утрото. Луѓето се исплашија, се јавуваа кај своите блиски да им кажат да се скријат“, изјави жител на Доњецк.
Во меѓувреме, Малезија ерлајнс најави помош од 5 илјади долари за семејствата на загинатите. По несреќата, авиокомпанијата ги пренасочи летовите. Наместо преку Украина, сега лета над друго воено подрачје, преку Сирија, каде што Федералната служба за авијација на САД препорача да не летаат американските оператори.
Ивана Салтировска
