Метеж и револт за подигање на ваучерите за инвертер-климите
Од утрово пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје стотици граѓани чекаат ред за да ги подигнат ваучерите за инвертер-клими што ги доделува Министерството за енергетика...

Граѓаните тешко стигнуваа до ваучери. Метеж и револт пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Со часови се чекаше во редица за да се подигне потребниот документ. Граѓаните се жалат дека не биле известени навреме, дека има и други пунктови и термини.
Ништо поразлична не беше сликата ниту во Битола.
Министерката Божиновска тврди дека навреме ги известиле граѓаните преку СМС дека и во текот на утрешниот ден ќе бидат отворени пунктовите во Спортските центри во Битола и во Скопје, но и во подрачните служби во Агенцијата за вработување низ целата земја.
Дел од граѓаните со кои разговаравме велат дека се одлучиле да аплицираат за ваучер затоа што греењето на струја станало поисплатливо.
Вкупно ќе бидат доделени 6.182 ваучери, преку Програмата за енергетска ефикасност и Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија. Субвенциите се во вредност од 23 па се до 45.000 денари за инвертер клима-уред. Државата за оваа намена одвои над 4 милиони евра.
Викторија Милевска
