Ждрепка за СП 2015

Прво со Австрија, со Хрватска во третото, со БиХ во четвртото коло

21.07.2014 17:12

Владее општо задоволство од имињата на противниците, коишто уште отсега отвораат олимписки хоризонти за Рио де Жанеиро 2016...

Македонската ракометна јавност со значителен оптимизам го дочека епилогот на синоќешната ждрепка, на којашто нашата најдобра репрезентација доби поволна група за светското првенство во Катар во јануари наредната 2015. Владее општо задоволство од имињата на противниците, коишто уште отсега отвораат олимписки хоризонти за Рио де Жанеиро 2016.

Нескриени се позитивните очекувања и високите амбиции на репрезентативците, на стручниот штаб, па и на вљубениците во ракометниот спорт спроти претстојниот мундијалски настап на Македонија, откако беше објавен и распоредот на натпреварите во групата „Б“. Во првото коло нашата селекција ќе игра со стариот муштерија Австрија, кого го победи на ланското Европско во Данска, а пред две години и во баражот за минатото Светско Првенство. Нареден ривал ќе и биде незгодниот Тунис, чијшто селектор е познатиот стручњак Сеад Хасанефендиќ, по што ќе и следува дуелот со носителот и фаворит во групата Хрватска. Групната фаза македонските ракометари ќе ја завршат со дуелите со Босна и Херцеговина и со Иран.

За да ја минат, ќе треба да се пласираат до четвртото место во нивната конкуренција, по што во осминафиналето ќе вкрстат со некоја од репрезентациите во групата А.. Славениците во фазата на најдобрите 16 ќе обезбедат четвртфинале, но и многу повеќе од тоа, пласман на Летните Олимписки Игри во Рио во 2016 година.