Куманово

Аерозагадувањето „ги наполни“ ординациите во Куманово

08.11.2024 11:38

Куманово е меѓу градовите во кои со почетокот на грејната сезона се врати и долгогодишниот проблем, аерозагадувањето. Во кумановската болница граѓаните веќе бараат помош поради загадениот воздух. Најчесто погодени се респираторните органи.

Со почетокот на грејната сезона, во Куманово се врати и аерозагадувањето. Загадениот воздух причина за зголемен број на пациенти во кумановската болница. Граѓаните бараат помош поради отежнато дишење, тежина во градите, сува кашлица, пневмонии. Лекарите велат аерозагадувањето влијае на целиот систем, видлив е напловит на пациенти.

„Се зависи од големината на честичките кои ќе влезат во нашето тело, покрупните се задржуваат на ниво на носот и таму предизвикуваат хроничен рингит, поситните влегуваат во грлото, сува иритирачка кашлица, засипнат глас, но најситните честички влегуваат и подлабоко водат до оштетување на алвеолите на долните дишни патишта, со развој на хронична белодробна болест, астма“, вели д-р Нора Господинова Николовска, спец. по интерна медицина Општа болница Куманово.

Кумановци реагираат на непријатна миризба и чад особено во вечерните часови.

„Овде не може да се дише, во село на повисоко е подобро“, вели еден граѓанин.

„Од автомобилите е најмногу загадено, полнат евтино гориво“, дополнува друга кумановка.

„Од кога се затоплуваме на дрва па немаше вакво загадување“, нагласува трет.

Здравствените работници апелираат граѓаните да се заштитат, да користат специјализирани маски. Во домовите каде што има деца или повозрасни со хронични болести е препорачливо да се користи прочистувач за воздух. Да не се излегува во часовите кога е најголемо нивото на ПМ честичките, да се користи здрава храна.

Статистиката покажува дека еден вдишува воздух од дури 16 пати во една минута. Затоа аерозагадувањето има огромно влијание не само врз респираторните органи, туку и врз целиот систем.

Последните испитувања во Куманово покажаа дека најголем причинител за аерозагадувањето е согорувањето на биомасата, па сообраќајот. За надминување на проблемот општината одвојува средства за среднорочни и долгорочни мерки. Меѓу нив се пошумувањето и гасификацијата.

Елена Георгиева