Велес

Сушата го намали родот на сончогледот, земјоделците очекуваат помош од државата

08.11.2024 11:16

Ако лани за килограм сончоглед добиле пет денари, земјоделците бараат годинава да се зголеми на седум денари. Поради сушата стратешката култура сончоглед годинава имаше слаб род, па Маслодајна откупи само 3,2 илјади тони, остатокот за работење ќе го увезе од Србија …

Годинава жетвата на сончогледот започна рано, уште во средината на август. Рано започна но и рано заврши. Сушата придонесе за мал род, па земјоделците бргу ја собраа годинашната реколта, бргу ја предадоа. Некои пак сончогледот го продадоа во соседна Грција. Бидејќи сончогледот е стратешка култура земјоделците бараат финансиска помош од Владата, да го субвенционира откупеното количество, ако лани добиле по пет денари, годинава со седум за килограм.

Годинава откупната цена беше 26 денари за килограм а ланската 20,5 денари. Откупот е завршен, велешка Маслодајна откупила скромни 3,2 илјади тони, што е најмалку последните неколку години. Од минатата година ДДВ за сончоглед се покачи на 10 отсто, додека на суровото масло остана 5 отсто, со што фабриката се става во нерамноправна положба, како единствен преработувач во Македонија, на сончоглед во масло за јадење.

За да се задоволи пазарот со масло ја јадење, Маслодајна ќе откупи дополнителни количини сончоглед од соседна Србија. Таа пак неодамна ја укина забраната за увоз на маргарин и масло за јадење, што ја воведе во март годинава и нанесе штета во работењето на фабриката. Проценките се дека во Македонија 50-до 60 отсто од маслото за јадење е од српски производители.

 

Петар Печков