АХВ апелира до граѓаните да пријават ако пронајдат угинати водни птици
По појавата на птичји грип, кој неодамна беше потврден кај две угинати диви птици во Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните ако пронајдат угината дива птица од водни видови – патки, гуски и слично, да се јават на бесплатната телефонска линија или преку електронска пошта или да ги контактираат ветеринарните друштва...

По појавата на птичји грип, кој неодамна беше потврден кај две угинати диви птици во Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните ако пронајдат угината дива птица од водни видови – патки, гуски и слично, да се јават на бесплатната телефонска линија или преку електронска пошта или да ги контактираат ветеринарните друштва.
„Доколку станува збор за други видови угинати птици и за изолирани угинувања, тоа треба да го пријават на јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на лешевите“, велат од АХВ.
Од Агенцијата велат дека иако станува збор за зооноза, во вакви случаи, не претставува сериозна закана за ширење на болеста, ниту кај птиците ниту кај луѓето.
„Болеста се шири преку директен контакт со заразени птици или секрети од истите, особено фекалии. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува одгледувачите на живина дека задолжително е пријавувањето на промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината, до надлежен официјален ветеринар или ветеринарно друштво, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности на одгледувалиштето. АХВ апелира на внимателност и преземање на заштитни мерки за категориите на лица кои се изложени на ризик, односно за лицата кои можат да имаат близок контакт со заразени птици“, се додава во соопштението.
Дивите птици, најчесто преселните, се резервоар и најчести преносители на вирусот на болеста птичји грип.
