САМИТ НА ЕВРОПСКАТА ПОЛИТИЧКА ЗАЕДНИЦА

Мицкоски оптимист за продолжување на евроинтегративниот пат

08.11.2024 11:41

Европските лидери се во Будимпешта. Таму се одржува Самит на Европската политичка заедница. Премиерот Мицкоски рече дека ги претставиле нашите аргументи и оти е оптимист дека ќе успееме во намерата да го обезбедиме нашето место во Европската унија…

Европа мора да биде пообединета за да просперира, заклучиле европските лидери на дводневниот самит во Будимпешта. Премиерот Мицкоски оптимист дека со секоја средба се приближуваме кон решение за условот за продолжување на евроинтегративниот пат.

„Со секоја средба, се повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи и за вистината онаква каква што е, онаа вистина што ја чувствуваат нашите граѓани и којашто е важна за Македонија. Ќе продолжиме да се бориме за Македонија и во неделите, месеците и годините коишто следат. Мора да успееме. Мора да бидеме таму каде што заслужуваме, а тоа е успешна, европска приказна. Нашето место е во рамките на ЕУ“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.

Најавата дека новиот американски претседател Трамп ќе работи на ставање крај на војната во Украина ги замисли европските челници, оти тогаш поголемата поддршка на Украина ќе остане на товар на Европа.

„Апсолутно сум убеден дека сите европски лидери сакаат да ги зацврстат односите со САД. Мораме да ја поддржуваме Украина, во спротивно ќе му ја предадеме на Путин“, изјави Шарл Мишел-претседател на Европскиот совет.

„Сите сме за мир во Украина, но не каков било. Само ако е запазена територијалната целост и вредносните начела, тогаш ќе најдеме решение“, рече Андреј Пленковиќ-премиер на Хрватска.

Европските лидери со план како да се задржи конкурентноста на европските компании во однос на американските и кинеските, особено по изборот на Трамп за нов американски претседател.

„За нас конкурентноста значи дека мора да се фокусираме на економски раст што носи повеќе работни места. Ако имавме раст како САД на почетокот од веков, сега ќе имавме девет милиони повеќе работни места“, изјави Роберта Мецола-претседател на Европскиот парламент.

Европа останува посветена на справување со климатските промени и за ова ќе побара поддршка и од САД.

Ирина Гелевска