Заврши Пивофест- задоволни и посетителите и организаторите!
21.07.2014 17:25
Заврши 12-тото издание на Пивофест. Задоволни и посетителите и организаторите. Според првичните проценки за 4-те дена во градот под Марковите кули влегле околу 4 милиони евра...

Заврши најлудата и најголемата забава на овие простори, 12-тиот по ред Пиво фест. Оценките се дека ова издание е најдобриот досега организиран фестивал.
Граѓаните после фестивалот се презадоволни.
„Супер беше, одлично, се беше во најдобар ред, и организацијата, и забавата и музичките ѕвезди“, рекоа граѓаните.
Задоволни беа и сите музички свезди кои гостуваа.
„Секој пат срцето ми трепери кога ќе видам вака 100.000 луѓе на едно место, одлично е“, вели Јелена Розга, пејачка.
„Луѓето и позитивната енергија најмногу ме воодушевува, најважна е таа добра енергија која владее“, рече Емина Јаховиќ, пејачка.
„Македонците се познати како музикална нација, поради тоа добро се забавуваме и сложуваме“, рече Жељко Самарџиќ, пејач.
Четири дена Прилеп буквално беше преплавен со стотици илјади гости, угостителските објекти и штандови беа претесни.
„Мислам дека овој фестивал беше врв од сите досега организирани“, кажа Томас Свињарски, угостител.
Се беше во знакот на позитивната атмосфера и забавата.
„Две девојчиња заедно со нивниот татко на грепките за наградна игра добија Твинго“, истакна Игор Џамбазов, водител на фестивалот.
Прилеп станува туристички центар.
Освен одличната забава, фестивалот има еден друг аспект, а тоа е големиот економски бенефит за градот. Според првичните проценки за само 4 дена во Прилеп влегле неколку милиони евра.
„Прилеп станува центар на фестивалскиот туризам и ние како локална самоуправа ќе продолжиме да работиме и во иднина во таа насока“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
И што да се каже за крај освен едно – На здравје.
Дарко Штаргоски
