Амстердам

Нетрпението меѓу Израел и Палестина ескалираше на улиците во Амстердам

08.11.2024 12:39

Безредија во Амстердам. По фудбалски натпревар дојде до судир меѓу израелски навивачи и пропалестински демонстранти. Премиерот Нетанјаху испрати спасувачки авиони во Холандија. Тел Авив обвини за шокантно насилство. Десетици луѓе се приведени…

Кризата на Блискиот Исток се пресели и на спортските настани. Нетрпението меѓу Палестинците и Израелците ескалираше на улиците во Амстердам, откако израелските навивачи беа пресретнати од палестински демонстранти пред стадионот на Ајакс, по натпреварот од лигата на Европа. Во уличните судири има загинати и ранети. Израелскиот премиер Нетанјаху го нарече инцидентот „однапред инсцениран антисемитски напад“. Испрати авиони за евакуирање на израелските државјани.

„Подготвени сме за спасувачкиот лет за Амстердам. Ова силно ме потсетува на стотиците киднапирани од Хамас. Очекуваме што поскоро да се вратат безбедни дома“, изјави Лиор Меир, пилот на „Ел Ал“.

Остра осуда за насилството врз израелски државјани пристигна и од израелскиот претседател Херцог.

„Со ужас ги гледаме шокантните слики и видеа кои од 7-ми октомври се надевавме дека никогаш повеќе нема да ги видиме- антисемитски погром кој моментално се случува против навивачите на Макаби Тел Авив и израелските граѓани во срцето на Амстердам, Холандија“, изјави израелскиот претседател, Исак Херцог.

Холандската полиција почна широка истрага за пронаоѓање на инволвираните во насилството, досега се уапсени десетици лица. Остра реакција пристигна и од холандските власти, нарекувајќи ги уличните немири целосно неприфатливи антисемитски напади.

„Сликите и извештаите што ги слушаме се апсолутно скандалозни и за осуда. Мора да се направи сè што е можно за да се пронајдат и да се гонат сторителите. Ова е едноставно антисемитско насилство врз Израелците. Фактот што ова се случува во 2024-та година му пркоси на описот и е вонразмерно“, изјави Дик Шуф, премиер на Холандија.

Инцидентот ги разбранува и духовите на националистите во холандските редови. Пратеникот Герт Вилдерс од Партијата за слобода побара депортирање на насилниците, нарекувајќи ги мултикултурен смет.

 

Маја Стојанова