Професија пекар

Кога другите спијат тие работат

21.07.2014 17:26

Додека поголемиот дел од градот спие, пекарите се веќе на нозе. Први ги пречекуваат ранобудниците или младите кои штотуку се вратиле од скопските локали. На мирисот на печено лебче, бурек или симит никој не останува рамнодушен.

И самите се уверивме колку пекарите се посветени на својата работа. Не пречека насмевка иако сме гости во 2 часот по полноќ. За мајсторот Дарко тајната е во навиките. По утринското кафе почнува подготовката на тестото. Мора да се побрза затоа што во рани мугри пристигнуваат првите муштерии.

„Лиснато правиме пици, пастрамајлии, гевреци, кифли, буквално се“, вели Дарко Трипуновски, пекар.

На прашањето, што е најкупувано во 2 или 3 часот по полноќ, Дарко одговара:

„Бурек другото се е пролазно, сите доаѓаат за бурек“.

Повеќето млади не го сакаат овој занает. Напорно е да работат по полноќ, сакаат факултетска диплома. Но има и такви како Ивица Милевски која во пекарството гледа можност за подобра живеачка.

„Почнав со пекарството уште од средношколските деновиве и сметам дека ова е одличен начин да заработам понатаму во животот и да отворам нешто свое“, вели Ивица Милевски.

Пекарите немаат работно време,  работат се додека има муштерии кои сакаат топло печиво за појадок, ручек или вечера.

Леб, бурек, кифли ова се дел од специјалитетите кои ги подготвуваат вештите раце на мајсторите, мирисот на топло пециво ги мами граѓаните, затоа често се случува во доцните часови пекарите да бидат полни со муштерии.

Традицијата на пекарството продолжува- без разлик дали овој занает се подмладува со мајстори или не. Доказ е големиот број дуќани кои секојдневно привлекуваат со мирисот и вкусот.

Викторија Тодоровска