Власта со оптимизам за евроинтеграцијата по Самитот во Будимпешта
Средбата на премиерот Мицкоски со францускиот претседател Макрон говори за угледот што го ужива Македонија – власта со оптимизам за интеграцијата по Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта…

Европа мора да биде пообединета, за да просперира. Важно е проширувањето со 6-те земји од Западниот Балкан, е пораката на европските лидери на дводневниот самит во Будимпешта. На многуте средби премиерот Мицкоски ги изложил нашите ставови околу продолжувањето на преговорите. Се сретна и со францускиот претседател Макрон во Будимпешта, што е многу значајно оти тој во моментов е лидер во Европа.
„Макрон во моментов неспорно е лидер на Европа, имајќи предвид дека Владата во Германија е пред пад и дека извесно е дека не подоцна од март 2025 година таму ќе има избори. Тој е политичар којшто има највисока поддршка и најстабилен мандат во рамки на ЕУ од сите големи земји членки и на конференција којашто трае само еден ден, да одвои толку време за да се сретне со премиерот на Македонија, мислам дека многу говори и за личниот авторитет што го има премиерот Мицкоски и за угледот што го ужива Македонија“, изјави Александар Николоски-вицепремиер и министер за транспорт.
Најавата дека новиот американски претседател Трамп ќе работи на ставање крај на војната во Украина ги замисли европските челници, оти тогаш поголемата поддршка на Украина ќе остане на товар на Европа.
„Апсолутно сум убеден дека сите европски лидери сакаат да ги зацврстат односите со САД. Мораме да ја поддржуваме Украина, во спротивно ќе му ја предадеме на Путин“, изјави Шарл Мишел-претседател на Европскиот совет.
„Сите сме за мир во Украина, но не каков било. Само ако е запазена територијалната целост и вредносните начела, тогаш ќе најдеме решение“, рече Андреј Пленковиќ-премиер на Хрватска.
Европските лидери со план како да се задржи конкурентноста на европските компании во однос на американските и кинеските, особено по изборот на Трамп за нов американски претседател.
„За нас конкурентноста значи дека мора да се фокусираме на економски раст што носи повеќе работни места. Ако имавме раст како САД на почетокот од веков, сега ќе имавме девет милиони повеќе работни места“, изјави Роберта Мецола- претседател на Европскиот парламент.
Европа останува посветена на справување со климатските промени и за ова ќе побара поддршка и од САД.
Ирина Гелевска
