Археолошко откритие на локалитет во струшко Корошишта
Непроценливо, епохално археолошко откритие во струшко Корошишта. Станува збор за архајска некропола каде се откриени стотина вредни археолошки артефакти. Гробници со златни предмети и украси...

Епохално археолошко откритие на локалитет во селото Корошишта во струшко. Откриени стотина артефакти од непроценливо значење, златен надградник, два златни прстени, повеќе златни предмети и украси. Се работи за монументална гробница, односно два гроба на маж и жена за кои се претпоставува дека потекнуваат од елитата, аристократијата со оглед на богатите подароци пронајдени во гробот.
Според археолозите ова е историски момент и за балканската и за европската археологија.
„Сите останати наоди таму покажуваат дека покојникот кој е погребан таму и гробната архитектура јас би рекол дека е импозантна, 7,5 метра должина со 4,5 метра ширина тоа ги надминува досега сите познати архајски некрополи на Балканот не во Македонија. Дното на гробницата е на 5 метри длабочина и може да замислите колку труд и посветеност требаше“, изјави Перо Арџанлиев – археолог.
Архајската некропола Корошишта станала предмет на интерес на Археолошкиот музеј пред четири години, кога сопственик на нива случајно пронашол бронзен шлем кој го предал во Завод и музеј Охрид.
„Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период 6 век пред Христа, кое по многу нешта наликува на далеку познатата Требенишка некропола која е во непосредна близина. Со овие откритија не само што го прошируваме нашиот историски контекст туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканската и европската археолошка сцена“, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
„Ќе ги конзервираме предметите овде во Завод и музеј Охрид а потоа се надеваме како што деновиве се договараме дека можеби ако продолжиме со истражувањата ќе ни треба нов Музеј на архајската култура во Македонија“, изјави Славица Бабамова - директор на Музеј за археологија.
Локалитетот соодветно е обезбеден и заштитен, неговата точна локација не се открива во јавноста со цел да се заштити од дивите трагачи по богатство. Археолошките истражувања ќе продолжат и во иднина археолозите очекуваат повеќе гробници со богати археолошки наоди.
Соња Рилковска
