Македонија

Презентирани главните точки од реформската агенда од планот за раст

08.11.2024 19:02

Реформската агенда за искористување на парите од европскиот план за раст пред пратениците. Брисел бара посветеност на процесот. Собранието на секои шест месеци ќе врши контрола на исполнувањето на задачите.

Планот за раст на Европската унија и реформската агенда на Владата како предуслов за реализација на средствата во вредност од 750 милиони евра за периодот од 2024 до 2027 година, се разгледуваше на Комисијата за европски прашања. Според претседателката Гордана Сиљановска Давкова иако роковите за имплементација се кратки, мора да се работи на исполнување на реформите и да се одредат приоритетните проекти, особено во сферата на владеење на правото и зелената транзиција.

Министерот за европски прашања ги презентираше плановите за одобрување на средствата од ЕУ, при што истакна дека првично на земјава ќе и бидат доделени 52, 5 милиони евра како аванс до крајот на годината, а другите пари, една третина се во форма на грантови, додека две третини од сумата се заеми.

Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас посочи дека главен услов за добивањето на финансиите од ЕУ е исполнување на реформите во зелената агенда, правосудниот систем, во јавната администрација и социоекономските реформи.

За реализација на планот за раст на ЕУ, треба да се донесат два Закони за буџетите и за јавен надзор над внатрешна контрола и да се ратификуваат договорите поврзани со овој финансиски инструмент на ЕУ во Собранието. На секои шест месеци ќе има контролен механизам со оценка од ЕУ за тоа како напредуваме во областите кои се одредени со планот за раст.

Игор Панов