Куманово

За ХПВ вакцината повеќе заинтересирани момчињата

10.11.2024 11:38

За разлика од девојчињата, момчињата повеќе заинтересирани за ХПВ вакцината. Во основните училишта од мај годинава започна имунизацијата против овој вирус и за момчињата. Родителите сè уште остануваат кочничари во процесот на вакцинација...

Од мај годинава со деветвалентната вакцина против хуман-папилома вирус почнаа да се имунизираат и момчињата. Од здравствениот дом во Куманово задоволни од интересот. Велат изненадувачки, поголем е бројот на заинтересирани момчиња, за разлика од девојчињата на возраст од 12 до 19 години. Родителите сè уште остануваат кочничари во процесот и за оваа вакцина, иако карциномот на грлото на матката според истражувањата речиси сто отсто е предизвикан од ХПВ вирусот.

„Заинтересираност за ХПВ вакцината во основните училишта не задоволува кај нас во Куманово. Можам да искажам едно изненадување за ова што се случува со машките дечиња, девојчињата ретко доаѓаат за да се вакцинираат. Не знам што е причината, дали непознавањето на доброто што го носи оваа вакцина“, истакна д-р Валентина Богоевска Димитриевска, детски диспанзер Здравствен дом Куманово.

Еден од стереотипите што се шират за оваа вакцина, е дека влијае на репродуктивната способност.

„Кај некои се шири дезинформација дека по примање на ХПВ се јавува стерилитет, тоа е контрадикторност. Стерилитет почесто се јавува кај некои кои веќе имаат повеќекратни ХПВ инфекции, отколку кај овие што редовно ќе си ја примат“, дополни д-р Богоевска Димитриевска.

ХПВ вакцината се прима во две дози. Целта за вакцинирањето е девојчињата да се заштитат од карцином на грлото на матката, а кај момчињата, да се спречи да ја пренесуваат инфекцијата, но и самите да бидат заштитени.

Според статистиката дури 150 жени годишно заболуваат од овој вирус, затоа здравствените работници укажуваат дека вакцинацијата е најдобра заштита.

Во земјите каде што е постигнат процентот на имунизација, како Австралија, веќе се очекува да се искорени вирусот.

 

Елена Георгиева