Украина

Се бара мировен договор за Украина

09.11.2024 12:50

Се поизвесен е мировен договор за војната во Украина по изборот на Трамп. Најавите за примирје кое нема да биде поволно за Киев и целата поддршка да се префрли на Европа, го наведе шефот на европската дипломатија Борел за последен пат пред заминување од функцијата да го посети Киев. И украинскиот претседател Зеленски бара поддршка од партнерите за преговори со Русија врз основа на меѓународното право, а не освоената територија. Путин не попушта, ќе разговара за Украина со Трамп, но не отстапува од позициите на Москва...

По изборот на Трамп за нов американски претседател се активира планот за постигнување мир во Украина. Украина се плаши дека мирот нема да биде поволен за земјата, па Зеленски тоа го побарал и во телефонскиот разговор со Трамп на кој се приклучил и Илон Маск. Маск ветил дека интернет-конекцијата преку Старлинк за Украина ќе продолжи. Најавите дека Трамп сака да види мир во Украина во 2025-та и поддршката да ја префрли целосно на Европа, ги наведе шефот на европската дипломатија Џозеп Борел, кој последен пат од оваа функција го посети Киев.

„Поддршката од ЕУ за Украина беше мој личен приоритет за време на мојот мандат и ќе остане на агендата на ЕУ“, напиша Борељ.

Украинскиот претседател Зеленски се обидува преку своите партнери да ја принуди Русија да се вклучи во нормални, значајни преговори за ставање крај на војната.

„Разговарав со претседателот на Финска за нашата соработка – билатерална и со поширок спектар на партнери. За перспективите во следните месеци, како и за контактите на Финска со други држави и други лидери, кои се клучни за обезбедување вистински мир за Украина и цела Европа-значајни преговори засновани на меѓународно право, а не на терор.“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Рускиот претседател Путин е подготвен да разговара за Украина со Трамп, но нема намера да ги смени барањата на Москва.

„Претседателот никогаш не рекол дека целите на специјалната воена операција се менуваат. Напротив, тој повеќепати истакна дека тие остануваат исти и во интерес за безбедноста на нашата земја, на рускиот народ.“, изјави Дмитриј Песков-портпарол на Кремљ.

Турција беше државата која ги доведе двете завојувани страни на иста маса, и можеби под покровителство на Ердоган, повторно може да биде домаќин на мировни преговори меѓу Русија и Украина. По враќањето на Будимпешта, Ердоган истакна дека со повеќе оружје не може да се постигне мир, туку преку само преку дијалог. Светот се плаши дека доколку наскоро не се стави крај на војната во Украина може да прерасне во глобален конфликт, оти во него веќе се вклучија и сојузници на Русија, војници од северна Кореја.

 

Ирина Гелевска