Реакции по немилите настани во Холандија
Реакции и осуди по насилствата во Амстердам откако израелски навивачи беа претепани од група арапи. Антисемитизмот нема место во Европа, ќе се бориме против сите форми на омраза-порача Брисел. Тел Авив најавува строги казни. Срамно е она што се случи-оценуваат фудбалерите.

Лавина реакции по инцидентот во Амстердам во кој беа нападнати израелски навивачи. По осудата на холандските власти, од Брисел порака дека Европа нема да толерира антисемитско насилство и е решена да се бори против сите форми на омраза.
„Антисемитизмот не е прифатлив и ние остануваме апсолутно посветени на борбата со ваков вид инциденти наспроти нашите основни вредности и принципи“, изјави Шарл Мишел - претседател на Европскиот совет.
„Силно ги осудувам овие неприфатливи дела. Антисемитизмот нема апсолутно никакво место во Европа и решени сме да се бориме против него, против сите форми на омраза. Сакаме еврејскиот живот и култура да напредуваат во Европа“, изјави Урсула Фон дер Лајен - претседател на Европската комисија.
Во Амстердам допатува и шефот на израелската дипломатија. Најави строги казни за во иднина вакво нешто да не се повтори.
„Владата во Холандија е пријателска и верувам дека тоа што се случи не ги одразува вредностите на земјата, но овие варварски напади против Евреите и Израелците во Амстердам ќе бидат казнети, ќе донесеме строги казни за да не се повторат и во иднина“, изјави Гидеон Саар - министер за надворешни работи на Израел.
Од Тел Авив критика упати и премиерот Нетанјаху.
„Пред 86 години гледавме напад врз Евреите само затоа што се Евреи, на европска почва. Сега истото го видовме на улиците на Амстердам, само со една разлика – во меѓувреме е формирана еврејската држава и ние треба да се справиме со тоа“, изјави Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел.
Холандските власти воведоа тридневна забрана за секакви собири во градот. Фудбалските фанови реагираа дека полицијата не успеала да ги заштити навреме, па морале да се снаоѓаат самите додека да стигнат до аеродромот.
„Го разбудив син ми, ставивме бразилско знаме на нашата чанта да не сфатат дека сме Израелци и излеговме на другата страна на хотелот за да стигнеме до аеродромот“, изјави Ицик Векслер - израелски навивач.
„Сите видовме што се случи, срамно. Ова е светот во кој живееме сега, за жал“, изјави Еран Захави - капитен на фудбалскиот клуб „Макаби Тел Авив“.
Израелските фудбалски навивачи беа нападнати во Амстердам од група млади луѓе, главно Арапи, кои биле повикани по социјалните мрежи да се таргетираат Евреи. Пет лица се хоспитализирани, десетици уапсени. Извештаите за антисемитски говор, вандализам и насилство се во пораст во Европа од почетокот на војната во Газа.
Бојана Крстевски
