Скопје

Повторно отворена Зоолошката градина во Скопје

09.11.2024 14:57

По три недели под клуч, отворена Зоолошката градина во Скопје. Радост за граѓаните, радост и за животните кои беа осамени 20 дена поради птичјиот грип кој се појави во градината.

Едно од најпосетените места во главниот град, Зоолошката градина, повторно ги отвори вратите за посетителите откако 21 ден беше затворена. Се врати старата слика од редица млади и возрасни, домашни и странски посетители. Децата се израдуваа што овие последни сончеви есенски денови можат да ги поминат меѓу омилените животни.

И на животните им недостасуваа луѓето-велат вработените во Зоолошката градина. Изминатите денови ги искористиле за генерално чистење, дезинфекција и санација на живеалиштата. Велат, имаат недостиг на кадар.

Политичарите да се издигнат над политиката и да помогнат да опстои една од најстарите зоолошки градини на Балканот – апелира в.д. директорот Зоран Попов. Додава, за да се подобри сликата на зоолошката градина треба да се зголеми цената на билетот, која изнесува 80 денари. Со 20-дневното затворање се скратиле средствата кои ги планирале за одржување на животните во зимски услови.

Откако АХВ на 19-ти октомври утврди птичји грип кај гуска што однадвор долетала во езерцето, одлучи зоолошката да се затвори 21 ден. За да се спречи ширењето на болеста, како што велат од Агенцијата, хумано се отстранети 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка. Вработените и една посетителка која се тестирала се негативни на птичјиот вирус.

 

Александра Велинова