ОМО Илинден-Пирин со жестока реакција до бугарскиот европратеник Џамбаски
Претседателот на „ОМО Илинден Пирин“ Стојко Стојков, реагира на изјавата дека проблем е поделеноста на македонците во Бугарија и неможноста да соберат 5 илјади потписи за да бидат регистрирани како партија...

Задача на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и на неговата партија така наречената ВМРО е да ја попречуваат македонската евроинтеграција. Претседателот на „ОМО Илинден Пирин“ Стојко Стојков, реагира на изјавата дека проблем е поделеноста на македонците во Бугарија и неможноста да соберат 5 илјади потписи за да бидат регистрирани како партија.
„Ние не сме расцепкани и ние собравме повеќе од 5 илјади потписи, собравме 6 илјади и тие луѓе трипати беа викани во полиција, беа заплашувани. Но судот сепак не успеа да најде погрешно околу тие 6 илјади луѓе и на крајот се измисли друга причина за да не одбие од регистрација,“ вели Стојко Стојков, претседател на „ОМО Илинден Пирин“.
За тоа дека потписите не се проблем Стојков го посочува примерот за регистрирање Невладина организација во Бугарија за што се потребни само 6 члена.
„Барањето да се признае македонско малцинство во Бугарија се третира како дејствие насочено против единството на бугарската нација и нешто што ја загрозува безбедноста на Бугарија. Проблемот е јасен, негаторскиот став на бугарската држава против македонското малцинство во Бугарија, и коешто е дел од поголемиот проблем, негирањето на македонската нација воопшто“, вели Стојко Стојков, претседател на „ОМО Илинден Пирин“.
Ставот на Џамбаски не е за изненадување ако се знае дека европратеникот доаѓа од радикалната ВМРО- БНД на Красимир Каракачанов. Двајцата викендот присуствуваа на одбележувањето 111 годишни од Илинденското востание во Смилево.
„Според нашите закони треба 5 илјади потписи за да се регистрира една политичка партија, проблемот го гледам во расцепканоста на „ОМО Илинден“ и тоа што неможат да ги соберат потребните потписи,“ изјави Ангел Џамбаски, европратеник од Бугарија.
Судот за човекови права во Стразбур неколкупати пресуди во корист на македонското малцинство во Бугарија. Властите во Софија одбираа да платат казна но не и да ја регистрираат партијата на Македонците.
Лидија Чакар
