Охрид

„Збогум Буково“ – граѓански собир за затворање на дивата депонија

09.11.2024 15:26

„Збогум Буково“ на градскиот плоштад во Охрид бара итно решавање на проблемот со дивите депонии кои се главните загадувачи на животната средина. Депонијата во Буково е на листата 25 приоритетни нестандардни депонии за затворање во земјава. Како високоризична требаше да биде затворена најдоцна до 2020 година...

Групацијата „Збогум Буково“, денес преку граѓански собир, повика на итно затворање на дивата депонија, која го труе целиот регион. Се бара воведување на секундарна селекција на отпадот за да се намали спалувањето и канцерогениот чад. Ги повикаа надлежните што поскоро да започне изградбата на регионалната депонија во Новаци.

Според нивните проценки депонијата е еден од најголемите загадувачи, а во Охрид стотина граѓани годишно го губат животот токму поради загадувањето на воздухот.

„Здравјето на граѓаните не може да чека сведоци сме дека отровните чадови секојдневно стигнуваат и до градот и на ресенска страна. Мернит станици регистрираат огромни загадувања од ПМ 10 честички секојдневно особено во вечерните часови“, вели Ѓоко Зороски еколог.

Депонијата во Буково е на листата 25 приоритетни нестандардни депонии за затворање во земјава. Како високоризична требаше да биде затворена најдоцна до 2020 година.

„Проблемот требаше да биде решен вчера имаше рокови поставуваа институции како УНЕСКО како Европската унија, која работи на ова поле но сите рокови се пробиени и условите не се исполнети“, вели Лилјана Илиеска активист од Збогум Буково.

„Воздухот не бира ни политика ни спорт, ни д која нација и припадност сме верска или каква било затоа сме тука и бараме доброволно да пристапат сите кон иницијативата“, вели Димитри Димитров активист од „Збогум Буково“.

Првиот човек на Охрид вели трајно решение ќе има за неколку години со отворање на регионалната депонија во Новаци, но најави времено решение обезбедување на депонијата, видеонадзор, оградување и нејзино покривање со 4.000 кубици земја.

Соња Рилковска