Следната недела Владата на средба со банкарите
Идната недела премиерот Мицкоски на средба со Македонската банкарска асоцијација за унгарскиот кредит. Вели дека компаниите нема да имаат дополнителни трошоци. Парите се стигнати, но сè уште се преговара со комерцијалните банки за обврската на државата кон нив...

Следната недела состанок на владините претставници со банкарската асоцијација на која ќе присуствува и премиерот Мицкоски поврзан со кредитот од Унгарија. Шефот на Владата вели имам што да им кажам на банкарите околу кредитот. Половина милијарда евра оди за компаниите, но уште се преговара со комерцијалните банки околу тоа каква би била обврската на државата кон нив. Од Владата тврдат дека ќе ги добијат средствата под истите услови под кои беа земени.
Состојбата со снабдувањето на електрична енергија е стабилна, ценовен шок во однос на струјата ќе нема уверува Мицкоски. Појаснува дека 100 проценти е обезбедена струја за граѓаните, јаглен има, но и се увезува по поевтина цена. Гасот кои се набавува за ЕСМ за производство на електрична енергија и за греење на граѓаните исто така е купен по пониска цена.
Шефот на македонската влада за следната недела најави позитивно изненадување за граѓаните во однос на енергетиката, но деталите ќе се обелоденат до четврток.
Владата ја скрои новогодишната кошничка за граѓаните. Дефиниран е списокот со производи и цени. Премиерот Мицкоски е задоволен од резултатите што ги даде есенската кошничка. Вели дека заштедата изнесувала меѓу илјада и илјада и 300 денари.
Миле А. Ристески
