Дојран

Хидросистемот „Ѓавато“ ќе го полни Дојранското Езеро

09.11.2024 16:10

Секнат три години. Хидросистемот „Ѓавато“ повторно ќе го подига нивото на вода во Дојранското Езеро. Надлежните велат дека ќе се прави финансиска конструкција за да се овозможи полн капацитет...

Дојранското Езеро ќе пие вода од хидросистемот „Ѓавато“. По тригодишна жега, се активираа пумпите од бунарите кои преку цевковод треба да испорачуваат вода. За почеток, во системот ќе влегуваат по 200 литри во секунда, но надлежните посочуваат дека тоа е премалку за да се изгасне жедта на езерото.

Дупнатиот цевковод и дивите приклучоци ја голтаат водата што треба да го пои езерото, па во наредните денови ќе се анализира колку од водата што влегла во системот, реално завршува во езерскиот басен.

Ќе се прави и финансиска конструкција за да се види колку ќе чини ревитализацијата на системот.

Пумпите на „Ѓавато“ работеа до февруари 2022 година, но поради високите сметки за струја од по 330 илјади евра месечно, Министерството за животна средина, кое стопанисуваше со хидросистемот, одлучи да ги исклучи.

 

Анита Димитријевска-Велковска