Панел

Васиќ-Бозаџиева: Потребни се законски интервенции за Уставниот суд да може да укинува пресуди од редовното судство

09.11.2024 17:42

Судијката м-р Татјана Васиќ Бозаџиева се обрати на Панелот за „Правно советување за современи теми ’одлуки на Уставниот суд vis – a – vis одлуки од редовно судство“ на Годишната меѓународна конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје...

Судијката на Уставниот суд, м-р Татјана Васиќ Бозаџиева се обрати на Панелот за „Правно советување за современи теми ’одлуки на Уставниот суд vis – a – vis одлуки од редовно судство“ на Годишната меѓународна конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје. Во своето излагање истакна дека дебатата за надлежноста на уставните судови да укинуваат/поништуваат неуставни одлуки на редовните судови е клучна и контроверзна во уставното право поради фактот што се отвораат прашања за балансирање меѓу заштитата на уставните права и зачувувањето на независноста на редовното судство.

Актуелната правна рамка во Република Северна Македонија не овозможува директна и ефикасна заштита на уставните права преку укинување или поништување на неуставни судски одлуки од страна на Уставниот суд. Ова ограничување ја намалува правната сигурност и остава простор за правни несигурности во однос на заштитата на основните човекови права, посочи судијката Васиќ-Бозаџиева.

Според судијката Васиќ-Бозаџиева постојат две клучни причини за да се воведе механизам за поништување на судски пресуди од страна на Уставниот суд, а тоа се потребата од брза и ефикасна заштита на човековите права и одржувањето на баланс помеѓу правната сигурност и заштитата на уставните права. Напомнува дека ефективната заштита на човековите права не може да се сведе само на констатирање на повредата, туку треба и да се обезбеди рехабилитација на правата на засегнатите граѓани.

Согласно направената анализа и уставно-судската пракса која е земена предвид од искуството на судовите во Германија, Шпанија, Австрија и Хрватска, судијата Васиќ-Бозаџиева ги лоцираше можните решенија за кохезија помеѓу Уставниот суд и редовното судство кога станува збор за унапредување на заштитата на правата на граѓаните, пред сè тргнувајќи од првичната ревизија на надлежностите на Уставниот суд и следствено на ова интервенирање во Актот со кој би се утврдиле начините и постапката за укинување на неуставните судски пресуди. Дополнително, нужно е изменување на процесните закони како Законот за парнична постапка, Законот за кривична постапка и Закон за управни спорови со кои би се овозможило повторување на судските постапки врз основа на одлука на Уставниот суд со кој е утврдена повреда на човековите слободи и права. За целосно и трајно решение потребни се амандмански измени на Уставот со кој би се вовела целосна уставна тужба.